Здравство | 18.05.2013 | 15:34 | 0

Интервју со проф.д-р Зоран Спировски: Jaс како хирург не би направил интервенција како на Анџелина Џоли

Следете не на:

zoran spirovski

Досега на нашата клиника не се појавила пациентка со лична желба да ги ампутира двете дојки, а доколку се појави ќе и биде образложено зошто тоа не треба да биде направено. Јас лично како хирург тоа не би го направил. За постапката на Анџелина Џоли и за состојбата со карцином на дојка во Македонија во интервју за здравство24 зборува проф.д-р Зоран Спировски, хирург и директор на Клиниката за торакакална и  ваксуларна хирургија.

Изминатите неколку дена светските медиуми беа преокупупирани со веста дека Анџелина Џоли превентивно ги отстранила двете дојки за да не заболи од рак. Дали како хирург кој долги години работи на оваа проблематика оправдувате ваков чекор, дали е медицински оправдано?

-Постапката на светски познатата глумица јас лично како хирург кој се занимава речиси 30 години со овој проблем не го оправдувам,ниту е медицински оправдан. Точно е дека со лабораториски иследувања е можно утврдување на генетската предиспозиција за добивање на карцином на дојка,но таа констатација ке ни послужи за зајакнување и интензивирање на дијагностичките процедури кои генетски оптеретената личност треба да ги спроведе како би се евентуалното појавување на карциномот на дојката се открие многу,многу рано(кога туморот не може да се напипа) и се направи интервенција со сочувување на дојката и со многу висока шанса болната да биде излечена.

Дали кај вас на клиниката досега сте имале ваков случај и доколку некоја пациентка дојде со таква намера што би направиле?

-Досега на нашата клиника не се појавила пациентка со лична желба да ги ампутира двете дојки, а доколку се појави ќе и биде образложено зошто тоа не треба да биде направено. Јас лично како хирург тоа не би го направил.

Загрижуваат податоците за порастот на ракот на дојка во светски рамки, каква е состојбата во Македонија?

-Точно е дека загрижуваат податоците за постојаниот пораст на карциномот на дојка во светски рамки. Нормално и Македонија за жал се вклопува во овој тренд. Во Р. Македонија од оваа болест секоја година преку 600 жени и 1 процент од таа цифра мажи заболуваат од оваа болест. На Универзитетската Клиника за торакална и васкуларна хирургија годишно се оперираат околу 350 пациенти од карцином на дојка, од кои една третина со штедлива интервенција поради напреднатата фаза на болеста или поради топографски локализиран тумор на дојката кој не дозволува штедлива операција. Инаку најмладата пациентка оперирана од карцином на дојка на нашата клиника имала 18 години.

Не само жените од оваа сериозно заболување страдаат и мажите, колку случаи годишно со рак на дојка кај мажи се регистрираат во Македонија?

-Напоменав дека 1 процент од карциномите на дојка припаѓаат на машки пол. Годишно на нашата клиника се оперираат 3-4 мажи со карцином на дојка. За жал кај машкиот пол белеста е драстично малигно поагресивна.

Во каква состојба доаѓаат пациентките на клиника, дали со напредна форма на рак или болеста е во почетна фаза?

-Последните години подигнат е процентот на жени кои доаѓаат во поран стадиум што се должи на програмите за рано откривање кои ги спроведува министерството за здравство преку организирани мамографски прегледи, а исто така и медиумите и дел од невладините организации работат на подигнување на свеста кај жените. Секако дека од голема полза се и популарните предавања кои се организираат од страна на лекарите вклучени во дијагностиката и лекувањето на оваа болест.