Здравство | 27.08.2013 | 14:57 | 0

Над 300 лекари годинава биле на обука во странство

Следете не на:

gruevski laboratorijaОваа и наредните две години по 500 медицински лица, главно лекари, ќе бидат испратени на обука во странство. Како што рече денеска премиерот Никола Груевски, само годинава, до крајот на овој месец, преку 300 доктори реализирале ваква обука во врвни медицински центри низ светот.

– Сметам дека до крајот на годинава ќе ја достигнеме проектираната бројка од 500 лица, а можеби и ќе ја надминеме. Паралелно со заминувањето на нашите лекари во странство, во Македонија доаѓаат и лекари од други држави кои тука вршат обуки. Такви тури веќе имавме неколку, истакна Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на лабораторијата за истражувања на културното наследство.

Тој најави дека од септември до ноември годинава 25 врвни американски лекари ќе престојуваат во македонските болници и клиники за да ги пренесат своите искуства, знаења и најновите достигнувања од областа на медицината.

– Обуката на македонските лекари е еден од најкрупните проекти во здравството. Може да купите добра опрема, да изградите или реновирате објект, но со оглед дека медицината е жива материја, мора постојано да ги следите најновите откритија, истражувања и методи на лечење. Токму тоа го очекуваме од обуката, нашите лекари да бидат во тек со најновите достигнувања, затоа се испраќаат во САД, Европа и насекаде низ светот, подвлече премиерот Никола Груевски.