Здравство | 08.04.2015 | 10:46 | 0

Хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) е едно од најчестите хронични заболувања

Следете не на:

hobbШто значи ХОББ?
Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) и астмата се двете најчести хронични заболувања на белите дробови. ХОББ е значајна причина за инвалидитет и е трета водечка причина за смтрност во САД. Според смртноста, ХОББ денеска во светот е на четврто место, а се смета дека до 2020 годиа ќе биде на третото место. Оваа болест се јавува кај 34 случаи на 1000, и вообичаено кај лица над 65-годишна возраст.
Кои се причините за настанување на болеста?
80-90 % од случаите на болеста се резултат од пушењето. Чадот од цигарите е одговорен како ризик фактор и за вонбелодробните коморбидитети кои често се присутни кај овие пациенти.
Во научни студии во повеќе земји е утврдено дека луѓето што живееат во големите градови почесто заболуваат од ХОББ, во споредба со руралните средини.
Исто така, интензивната изложеност на одредени влијанија (на пример на работното место), како што се: рудниците за јаглен, злато, индустријата за памук, хемикалии како кадмиум, изоцијаниди, разни испарувања, може да се причина за развој на ХОББ и кај непушачи, а особено ако овие луѓе се истовремено и пушачи.
Кои се симптомите на ХОББ?
Еден од главните симптоми е кашлицата, која всушност е значаен одбранбен механизам на дишните патишта, кој ги штити од несаканите инхалирани честички, како и значаен метод на чистење на ексцесивно продуцираниот слуз во нив. Кашлицата кај пациентите со ХОББ често се јавува во утринските часови. Другиот главен симптом е диспнеата (краток здив), кој се смета за најсигнификантен знак на оваа болест. Пациентите со напредната форма на ХОББ често развиваат респираторна слабост. Кога ќе се случи ова, кај нив се јавува цијаноза на слузниците и кожата, што е резултат на недостаток на кислород во крвта. Вишокот на јаглеродниот диоксид во крвта причинува главоболка, сонливост или грчеви. Компликација на напредната ХОББ се и промените на срцето познати како хронично белодробно срце кои се резултат на неговата зголемената работа за да ја уфрли крвта во болнопроменетите бели дробови.
Како се поставува дијагноза на ХОББ?
Кај секој пушач кога ќе се јави на лекар и ќе се пожали на симптоми како кашлица со искашлување, отежнато дишење, краток здив или свирење во градите, неопходно е да се направи спирометрија со која се одредува вентилаторната функција.
Каков е третманот на ХОББ и дали може да се превенира болеста?
Не постои лек за излекување или за да се спречи прогресијата на ХОББ . Сепак, постојат повеќе начини пациентите да се ослободат од симптомите, да се спречат влошувањата, да се подобри толеранцијата на напор и да се подобри квалитетот на животот. Во третирањето на ХОББ главни одредници се: проценка и мониторирање на болеста, редуцирање на ризичните фактори, превенција и лекување на акутните влошувања и особено третман на коморбидитетите. Во лекувањето на ХОББ се користат бронходилататори, кои доведуваат до релаксација на мазната мускулатура на дишните патишта и зголемувајќи го нивниот лумен го подобруваат воздушниот проток. Со тоа ги редуцираат симптомите особено диспнеата што доведува до подобрување на толеранцијата на напор и се подобрува квалитетот на живот. Употребата на антибиотиците се препорачува кај пациентите со влошувања на состојбата. Аминифилинот како бронходилататор се препорачува особено кај пациентите кои пушат. Во лекувањето на пациентите кај кои дошло до респираторна слабост, а тоа се пациенти во четврти стадиум на болеста и притоа вредностите на парцијалниот притисок и сатурацијата со кислород се ниски, потребно е да се употреби заместителна терапија со кислород. Терапијата со кислород се препорачува да трае над 15 часа во тек на денот, со ниски протоци 1,5 до 2 литри во минута.