интервју | 18.11.2015 | 15:34 | 0

Проф. д-р Стојчев: За 100 проценти е зголемен бројот на хоспитализации во ГОБ 8 септември

Следете не на:

За зголемениот број на пациенти и операции во ГОБ 8 септември, за новата медицинска опрема, едукациите во странство и новите методи во интервју за Zdravstvo24.mk зборува проф. д-р Сашо стојчев, директор на ГОБ 8 септември.

saso stojcev

Во континуитет расте бројот на пациенти и реализирани здравствени услуги, што покажува статистиката за колку проценти изнесува ова зголемување?

За зголемување на бројот на услуги што ги обезбедува ГОБ 8 Септември како еден од стожерите на здравствениот систем, говорат податоците дека во изминатите пет години за над 200 проценти е зголемен бројот на амбулантски прегледи, така на пример во 2009 година беа прегледани 65.000 амбулански пациенти, додека во 2014 година се реализирани над 192.000 амбулантски прегледи. Исто така, процентот на хоспитализирани пациенти бележи пораст од над 100 проценти, така на пример, во 2009 година имавме околу 6.500 хоспитализации, а во 2014 над 13.800. Исто така, има зголемување од над 50 проценти на извршените хируршки интервенции особено од областа на офталмологија, оториноларингологија, урологија, ортопедија и дигестивна хирургија. Во рамките на болницата, а со цел на комплетирање на хирушките тимови, од јуни 2015 година почна со работа и одделението за неврохирургија, каде досега се изведени над 30 оперативни интервенции.
Во однос на 2009 година, пак, одредени услуги на рендген, лабораторија и слично се три до четири пати зголемени. Половина од услугите се во рамки на терциерно здравство, а според направени анализи – од 35 до 40 проценти од пациенти за амбулантско-поликлинички и болнички услуги, не се од Скопје.
Сето ова покажува дека се почесто пациентите ја бираат ГОБ „8 Септември“ за болница каде ќе го остварат своето право на здравствена заштита. Ова се должи на сериозната посветеност и ставање силен фокус за унапредување на условите за лекување во оваа ЈЗУ.

urgenten gob 8 septemvri 3

Што е направено во насока на унапредување на просторните услови во оваа ЈЗУ?

Во соработка со Владата на РМ и Министерството за здравство континуирано се инвестира во подобрување на инфраструктурата на ГОБ „8 Септември“, во зајакнување на целокупните капацитети на оваа установа, а со тоа и унапредување на квалитетот на здравствените услуги.
Во однос на градежни активности – комплетно е реновирано и проширено одделението за неврологија, каде се обезбедува интензивна невролошка нега на 10 болнички кревети за тешки случаи, најчесто со мозочен удар.
Исто така за кратко време се реновирани шест одделенија кои се пуштени во употреба, а беше пуштено и одделението за психијатрија кое е реновирано и проширено. Стартуваше со работа и Центарот за дијализа со 34 приклучоци, кој во две смени може да прими над 130 пациенти.
Во насока на зајакнување на инфраструктурните капацитети би го споменал и отворањето нов Ургентен центар, кој е со површина од 900 метри квадратни во него има две операциони сали и останати придружни простории во кои меѓу другото се врши и обука на медицинскиот персонал кој ќе оди во мировни мисии водени од НАТО. Станува збор за инвестиција од Американската амбасада, вредна 480.000 долари. Останатиот дел од Ургентниот центар со околу 45 милиони денари го инвестира болницата со поддршка од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Во него има и три приемни амбуланти, четири болнички соби за дневна болница, студена соба, гипс-сала, машинска сала, електро соба и други простории. Воедно, во болничкиот дел инсталирани се пет нови лифтови во вкупна вредност од 10 милиони денари.

angiograf

Во однос на нова медицинска опрема што е набавено и што значи тоа за пациентите?

Во рамки на континуираното вложување во нова медицинска опрема за оваа ЈЗУ е обезбеден и нов ангиограф, кога е воведена интервентна радиологија и кардиологија во рамки на установата. Од авуст оваа година, со помош на колегите од Србија изведени се голем број на интервентни радиолошки процедури и тоа: 40 интервенции (стентирања, дилатации и една емболизација) како и 30 дијагностички ангиографии. Извршени се стентирања на крвните садови на екстремитетите и на вратот. Од октомври, исто така со помош од колегите од Центарот за васкуларни заболувања од Дедиње, Белград отпочнати се и интервентни кардиолошки процедури, и тоа 37 коронарографии и 7 коронарни стентирања.
Во завршна фаза е набавката за линеарен акцелератор за ГОБ „8 Септември“, со што се шири и зајакнува онколошката мрежа во државата и се унапредува третманот на лицата со малигни заболувања
Исто така е извршено и доопремување на повеќе одделенија со најсовремена опрема, вредна околу четири милиони евра, обезбедени од Владата, Последните три години добиени се четири нови дигитални рендген апарати, вредни околу милион евра кои веднаш се ставени во функција, еден за операциската сала по ортопедија и трауматологија, а другите за трите радиолошки сали на рендген одделот. Со нив, во голема мера е зголемен бројот на квалитетни здравствени услуги.
Нашата установа доби и пет ехо апарати вредни 450.000 евра, поставени на одделенијата за кардиологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, урологија, неврологија. Со нив се добиени и поголем број сонди за повеќенаменско испитување. Покрај овие апарати, набавена е и ендоскопска техника за гастроскопија, колоноскопија и латерална гастроскопија ERCP.
На Одделението за неврологија се инсталирани и апарати за електроенцефалографија со мапинг и за електромионеурографија со апарат за евоцирани потенцијали, кои веќе се ставени во функција. Воедно, унапредена е и работата на одделот за дерматовенерологија со набавката на компјутеризиран дерматоскоп со посебен софтвер за препознавање кожни малигноми, вреден 75.000 евра и аблативно-неаблативен тераписки ласер вреден околу 85.000 евра.
Како посебно значајна сакам да ја потенцирам набавката на нова медицинска опрема за Ургентен центар во вредност над 800.000 евра.

urgenten gob 8 septemvri 4

Новини на поле на едукација на кадарот во реномирани медицински центри во странство?

Паралелно со набавката на нова медицинска опрема континуирано работиме и на зајакнување на човечките ресурси во ЈЗУ. Со објавените огласи за преминување на доктори-специјалисти од приватните во јавните здравствени установи, ГОБ „8 Септември“ е кадровски зајакната со над 40 специјалисти од областа на неврологија, радиологија, интерна медицина, оториноларингологија, психијатрија, физикална и рехабилитациска медицина и др.
Исто така голем број доктори и друг медициски персонал од ГОБ „8 Септември“ беа испратени на едукација во Клиничкиот центар во Нирнберг, медицинскиот центар Аџибадем во Истанбул и во Онколошкиот институт во Љубљана, каде ја совладаа методата кор биопсија на дојка. Станува збор за предоперативна дијагностичка процедура кај малигните заболувања на дојка, која е многу понапредна од биопсијата која претходно се применуваше поради точноста при поставувањето на дијагнозата, помала стапка за сомнеж за евентуален малигнитет и пониска стапка на лажно негативни наоди. Досега со оваа метода се извршени над петстотини кор биопсии на дојка (од 1 јануари 2014 година до денес, откако се применува методата).
Како што споменав, во јуни, годинава, за првпат е инсталиран ангиограф во нашата установа, со што отпочнаа интервентни процедури од областа на радиологијата, како и кардиологијата. Докторите претходно беа на едукација во Охрид, Дедиње и во Цирих и самостојно имаат изведено поголем број процедури. Во соработка со колегите од Србија веднаш почнавме со изведување голем број интервентни радиолошки процедури, а од октомври, исто така со помош од колегите од Центарот за васкуларни заболувања од Дедиње-Белград се изведуваат и интервентни кардиолошки процедури. Како посебно значајно сакам да го потенцирам дека се изврши и стентирања на срцевите крвни садови, како и на големите крвни садови на вратот.
Веќе се формира екипата интервентни кардиолози, од новопримените тројца доктори специјално за интервентна радиологија како и од четворица наши доктори кои се ориентираа од кардиологија за интервентна кардиологија. До крајот на годината очекуваме да имаме седум доктори кои ќе бидат вклучени во интервентната кардиологија.

8 Septemvri

Покрај ова во странство минатите две години беа испратени на едукација над 60 доктори и друг медицински персонал во повеќе болници во Европа , САД, Австралија и Канада.

Во ГОБ „8 Септември“ делува еден од првите Ургентни центри не само во Скопје, туку и во Македонија. Во овој центар секој дневно се третираат над 100 пациенти, најголем дел, од тие што бараат болнички третман се згрижуваат во болицата, а помалку од 1% се препраѓаат на понатамошно лекување на клиниките. Во следниот период се планирани и многу други проекти. Очекуваме дека и болницата „Филип Втори“ набрзо ќе ги напушти нашите простории за да можеме да се прошириме во тие два полуспрата, каде веќе имаме план за развој на третман на спортска траума, неврохирургија и дополнување на останатите гранки од интерната медицина како пулмологија со полуинтензивна нега, ендокринологија и ревматологија за кои веќе имаме супспецијалисти.