интервју | 07.12.2015 | 12:42 | 0

Интервју со проф. д-р Вилијам Новик: Во Македонија има иднина за децата со срцева болест

Следете не на:

За развојот на детската кардиохирургија во Македонија, успехот на операциите на срце кај деца и едукацијата на македонските лекари во оваа специфична гранка во медицината во интервју за zdravstvo24.mk зборува проф. д-р Вилијам Новик, еминентен детски кардиохирург од САД.

Novick

Д-р Новик, ова е ваша 14-та мисија во Македонија. Какви се Вашите искуства и импресии од работата со македонскиот тим?

-Првото патување овде беше навистина интересно, бидејќи тимот на педијатриски хирурзи претходно немаше вакво искуство. Никогаш нема да го заборавам првиот случај кога почнавме операција, се гледаше срце кое чука, а очите на д-р Чадиковски само стануваа поголеми. Сега веќе, на оваа мисија, тој работи 5 од случаите и не само што гледа во срцето, туку го оперира срцето, го запира за да може да оперира и потоа го рестартира. Тоа е напредок. Тимот веќе има добра рутина и има стекнато поширока основа за третман на деца во различни состојби. Сега веќе тимот може да ги третира децата буквално од глава до пети.

Според Вас, колку добро е подготвен македонскиот тим за ваков тип на хирургија?

-Детската кардиохирургија е една од најкомплексните типови на хирургија. Она што ја прави толку тешка е фактот дека постојат повеќе различни типови на дефекти кои може да се појават во детското срце. Потребни се повеќе години за стекнување доволно знаење, да бидеш подготвен да влезеш во операциона сала со дете со конгенитална срцева болест и да направиш соодветна интервенција. Најголем дел од детските кардиохирурзи кои се едуцирани низ целиот свет, сметаат дека за тоа им се потребни барем уште 5 години по завршување на едукацијата. Македонскиот тим направи одлични подвизи, под добро контролиран надзор.

Кои се Вашите очекувања за развојот на детската кардиохирургија во Македонија во иднина?

-Како што знаете, Министерството за здравство изрази голема поддршка уште од почетокот на овој проект пред околу три години. Сметам дека Министерот јасно ја разбира големината и комплексноста на овој потфат. Тоа е област која бара многу значаен тим со цел да се овозможи безбедна операција или интервенција кај овие деца, со подобри резултати. Ние постепено го надградуваме проектот, и со континуирана поддршка на Министерството, успехот ќе биде неминовен. Важно е луѓето да разберат дека успехот не се случува преку ноќ.

Foto 1

Д-р Новик, колку често се јавува потреба за кардиохируршка интервенција кај децата ширум светот?

-Тоа е отприлика исто насекаде низ светот. Општо може да се каже дека 1% од сите живородени деца се раѓаат со срцева мана. Во рамки на тоа, не сите деца имаат потреба од интервенција, бидејќи некои деца може да се третираат со лекови и срцевата мана постепено да исчезне. Општо земено, околу 60% од тие 1% имаат потреба од интервенција за надминување на проблемот. Така што ако минатата година во Македонија имало околу 23.000 живородени деца, може да се очекува околу 230 деца да имаат срцева мана. 60% од нив ќе имаат структурна срцева мана и ќе имаат потреба од хируршка интервенција, значи тоа се околу 150 деца годишно. Треба да се има предвид дека не секое дете поминува со само една операција. Кај некои деца, срцевата мана е толку комплексна, или дел од нивното срце не е доволно развиен за да може да се изврши комплексна интервенција. Генерално, се смета дека кај една третина од децата кои се оперираат е потребна втора дополнителна операција поради типот на срцева мана која ја имаат.

Која е Вашата порака за пациентите од Македонија?

-На пациентите кои се веќе успешно оперирани ќе им кажам дека сите ние сме навистина многу среќни за нив. Ова е посебно време од годината за сите луѓе низ светот и навистина сме среќни што сме овде и што можевме тоа да го споделиме со нивните семејства. На оние деца кои се уште не се родени – во Македонија имате иднина која ветува, доколку се родите со срцева болест.