интервју | 05.03.2016 | 11:02 | 0

Ирена Сарафимова од Центарот за медицинска козметологија: Кожата е огледало на здравјето

Следете не на:

Медицинската сестра Ирена Сарафимова од Центарот за медицинска козметологија на Клиниката за кожни болести во интервју за zdravstvo24.mk зборува за негувањето на кожата, кои се најдобрите третмани на лицето и како да изгледаме поубаво. Таа потенцира дека кожата е огледало на здравјето.

sestra irena1

Пред околу шест години на Клиниката за кожни болести беше отворен Центар за медицинска козметологија. Вие од првиот ден сте дел од Центарот, кој е прв од ваков вид во јавното здравство. Како функционира истиот?

Точно пред шест години се отвори амбулантата за медицинска козметологија при Клиниката за Дерматовенерологија, каде што се третираат пациенти со различна проблематика, со претходна консултација со лекар специјалист. Во зависност од услугите третманите се наплаќаат приватно (не се на товар на ФЗОМ) и се достапни за сите граѓани. Амбулантата функционира 5 работни дена во неделата. Работи само прва смена од 7:15 до 15:15 часот. Закажувањето е со препорака од лекар специјалист, по претходно извршен преглед кај истиот.

Освен пациенти на Клиниката кои имаат проблеми со кожата, дали и други граѓани доаѓаат на третмани за разубавување?

Да, има и други граѓани од различни возрасти кои што сакаат да направат третмани за подмладување и разубавување. Најчесто повозрасните сакаат третмани за анти-аге од типот на хемиски пилинзи, микродермоабразија, галваник-спа лифтинг и слично, но сепак по претходна консултација со стручниот тим на Клиниката. Во амбулантата се третираат и пациенти и од другите градови од државата, секако препратени од нивниот лекар специјалист.

Мажите или жените повеќе доаѓаат на третмани?

Застапени се и двете групи, но сепак би акцентирала повеќе на женскиот пол се разбира. Тоа најверојатно се должи на потребата на жената повеќе да се негува.

Со колку третмани може да се подобри изгледот на лицето кај оние кои имаат проблеми со кожата и како оди лекувањето на пациентите со проблематична кожа?

Ако под проблематична кожа се подразбира акнеична кожа, тогаш би кажала дека пациентите првин се водат од лекар-специјалист кој назначува терапија. Во некои случаи се бара од истите да направат и испитувања на пример: крвна слика, хормонален статус кај понежниот пол, ехо на јајници итн. како би се препорачала соодветна терапија и медицински третман во нашата амбуланта и во зависност од типот на акните се проценува и бројот на третманите. Кај секој пациент тоа е различно. Би додала дека пациентите се послушни и ги слушаат советите на лекарот и консултациите од медицинската сестра-козметолог.

Ваш совет за негување на кожата?

Би кажала дека кожата памети и состојбата на кожата е огледало на здравјето, не само на пациентот туку и на сите нас. Негуваната кожа е процес во кој треба да се вложува време па и пари. Би апелирала до граѓаните да користат козметика адаптирана на типот на нивната кожа, како и потеклото на производот да биде од реномирани медицински компании.

setra irena

Дали има одреден период во годината за конкретен третман?

Да, има. На пример би кажала дека во зима препорачуваме да се прават хемиски пилинзи и дермоабразија, поради што во тој период е намалено УВ зрачењето, кое пак резултира со појава на хиперпигментации (флеки) по кожата, која после тие процедури е поподложна на оштетување од УВ радијацијата. Додека пак во сончевите денови задолжително препорачуваме заштита од сонце, половина час пред излегување, заради заштита на кожата од стареење, појава на фини линии (брчки), како и заштита од карцином на кожата предизвикана од УВ радијација.

Што препорачувате за граѓаните да имаат поубав изглед на лицето оваа пролет?

На неколку денови од пролета би го препорачала еден од моите најомилени третмани поконкретно третманот минерализација со зелена алга. Со овој третман кожата прима богатсво од минерали и витамини. Со самата биолошка реакција на алгата, кожата се обновува и има поголем прием на кислород, а воедно се отстрануваат и токсините од клетките. Со еден збор се прави детоксикација на кожата.
Исто така би го препорачала и еден од најефикасните и најбезболен третман дијамантска микродермоабразија. Овој третман претставува брз пат до здрава и млада кожа, кој се препорачува и кај мажите и кај жените. Со овој третман се постигнува темелно отстранување на површинскиот слој од кожата, односно епителниот слој, без несакани последици. Се потикнува циркулација, колагенски влакна и се подобрува нов раст на базалниот слој во дермисот. Со микродермоабразија се постигнува отстранување на различни неправилности на кожата: оштетување од прекумерно сончање на истата, лузни од акни, проширени пори и помали пигментирани промени. И за крај би кажала дека во нашата амбуланта со нашиот стручен тим со сите наши услуги имаме една цел, а тоа е да постигнеме резултат на свежа, сјајна, нова, здрава и млада кожа.