анализа, Здравство | 29.08.2016 | 16:56 | 0

Над 14.000 жени опфатени со скрининг на рак на дојка – Набавени нови 11 мамографи

Следете не на:

Само во текот на минатата и оваа година, набавени се вкупно 11 нови мамографи. За првпат ваква дијагностика во својот град добија жителите на Радовиш, Кочани, Македонска Каменица, а наскоро за првпат во својот град мамограф ќе добијат и жителите на Кавадарци.

mamograf bukurest
Изминатиот месец беа промовирани нови 3 мамографи во ЗД Скопје–поликлиника Букурешт (каде стариот мамограф беше во функција околу 30 години), ЗД Радовиш и Здравствена станица Македонска Каменица, а во претстојниот период се очекува пуштањето во употреба на новите мамографи и во болниците во Гевгелија и Кавадарци. Овие мамографи се дел од набавката која ја спроведе Министерството за здравство во вкупна вредност од 39 милиони денари.

– Министерството за здравство изминатиот период е фокусирано на набавка на нови најсовремени мамографи за ЈЗУ низ државата, со цел доближување на оваа значајна дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентките, а воедно и намалување на времето на чекање за оваа здравствена услуга, велат од минитерството за здравство.

Според Радиолозите, мамографите се од клучно значење за спроведувањето на мамографскиот скрининг, со цел рано откривање на карцином на дојка кај женската популација.
Мамографскиот скрининг е бесплатен и со него се опфатени жените на возраст над 50 години, кои се асимптоматски (без симптоми на болест) и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Жените се покануваат со писмена покана на домашна адреса, по што треба да се јават во подрачниот Центар за јавно здравје за да го закажат прегледот (во рок од 3 седмици од добивање на поканата).
За какви било информации за скринингот, жените може да се обратат на телефонски број на Управата за електронско здравство МојТермин (071 235 685). Со Програмата, досега, се испратени вкупно 59.053 покани на домашна адреса, а само овој месец се испратени 6.643 покани.
Со мамографскиот скрининг, од почетокот на скринингот од април минатата година досега се опфатени околу 14.000 жени.